На инокамп, учесниците претвораат идеја во решение. Во училишна симулација, учениците преземаат улоги и донесуваат одлуки. Преку младинска иницијатива, тимот договара соработка и презема обврски кон заедницата.
Низ десетте години работа на LEAD, создававме различни можности за учење преку истражување, испробување и заедничка работа. Младите развиваат идеи и вештини, а возрасните ги поддржуваат со знаење и искуство. Така ги поврзуваме личниот и професионален развој, учеството и активизмот но и ја развиваме меѓусебната соработка во заедницата.
Од секоја средба учиме и ние: како да подготвиме подобра програма, да дадеме појасни насоки и да ја приспособиме работата на луѓето.
Нашиот пристап се заснова на неформалното образование: осмислено учење со јасни цели, практични задачи и активно учество. Учесниците поставуваат прашања, испробуваат идеи и учат од сопственото и од туѓото искуство.
Програмите ги подготвуваме според тоа што сакаме учесниците да научат и што ќе им помогне да го применат стекнатато знаење. Ја структурираме содржината и внимаваме на можноста секој да придонесе.
Овој пристап го носиме и во училиштата, каде што со наставниците создаваме простор учениците да истражуваат, да соработуваат и да го применуваат знаењето.
Design Thinking методологијата ја применуваме како водич на младите низ истражување на проблемот, разговор со засегнатите луѓе, развивање идеи и тестирање прототипи.
Целиот процес развива вештини и свест кои ретко можат да се добијат преку формалното образование. Ама, оваа методологија врз која се заснова и UPSHIFT а со години ја применуваме, конечно станува дел од концепцијата за гимназиското образование!
Во инокамповите кои ги организираме , преку FuSE — Future is Skills Education како методологија која ја развиваме и практикуваме низ годините, овој процес добива поинтензивна тимска форма. Учесниците работат на општествен предизвик, распределуваат задачи и ги доработуваат предлозите со менторска поддршка. Тимската работа им ја доближуваме и на оние кои потешко се снаоѓаат во вакви кругови, па целокупното искуство е создадено да биде поучно но и пријатно.
Социјалните иновации, иницијативи и активности ги подготвуваат младите на соработка и разновидни интеракции во заедницата кои ќе им служат и лично но и понатаму на професионално ниво.
Преку Service Learning, односно услужното учење, младите добиваат практична можност да го применат наученото за да одговорат на потреба во заедницата. Планираат и спроведуваат активности со засегнатите луѓе, развивајќи организациски вештини, комуникација и одговорност.
Со Youth Impact Cycle како методологија за поттикнување младинско влијание ја организираме поддршката кон младинското учество според принципот повик – иницијатива – менторство. Младите покажуваат интерес и предлагаат идеи, ги доразвиваат преку обуки и ги реализираат со континуирана менторска поддршка. Менторите даваат насоки и повратни информации, а младите ги носат одлуките за својата иницијатива.
„Кога учениците одлучуваат“ е симулациски процес каде учениците преземаат улоги на одлучувачки фигури во училишните и општествени политики. Се запознаваат со надлежностите на службите и во симулација вежбаат аргументирање, консултирање и донесување одлуки.
Преку ко-менаџментот во средните училишта пак, работиме на заедничко одлучување и споделување одговорности меѓу учениците и возрасните во рамки на училиштето. Заедно ги разгледуваат потребите, подготвуваат предлози и договараат следни чекори а ко-креирањето тука значи секој засегнат да има можност да придонесе во решението.
Често преку гејмификацијата вклучуваме предизвици, тимска работа, бодови и награди што ја поттикнуваат љубопитноста и ангажманот. Ги избираме според целта на учењето и потребите на групата.
По практичните активности секогаш се навраќаме на искуството: што помогнало, што било тешко и што би направиле поинаку? Рефлексијата им помага на учесниците да го препознаат наученото, а евалуацијата ни дава нам насоки за подобрување на програмите.
Со наставници, стручни соработници и едукатори работиме на подготовка и водење образовни сесии преку тренинг за тренери и коучинг како услуга каде го споделуваме стекнатото знаење и препораки за водење обуки, тренинзи и едукативни процеси Учесниците спроведуваат сесии, добиваат повратни информации и ги доработуваат инструкциите, активностите и структурата.
Потоа ги приспособуваат пристапите на своите училници и групи. Така искуството од нашите програми продолжува во нови средини а во меѓувреме ние постојано учиме и се надоградуваме.
Десет години подоцна, продолжуваме да создаваме образовни програми за личен и професионален развој, учество и активизам. Со секој нов процес почнуваме од истото прашање: што им е потребно на овие луѓе и како учењето ќе им помогне да дејствуваат и да се развиваат.