Пред неколку години ја прашавме: „Која е Саша?“
Денес, неколку години и многу различни улоги подоцна, по повод десетгодишнината од основањето на ЛЕАД, заеднички рефлектираме: што се случува кога младинското учество не останува само едно искуство, туку станува простор за раст?
Приказната на Саша е приказна за токму таков раст — од учесничка, преку менторка и тренерка, до некој кој денес создава можности за други млади.
Желбата да се вклучува, да пробува нови работи и да презема иницијатива за Саша не започнала со конкретен план.
„Од моите средношколски години, па сè до денес, да ги прифаќам условите во кои се наоѓам без барем да се потрудам некако да придонесам за нивно подобрување, за мене лично не е прифатливо сценарио.“
Без разлика дали станува збор за личен, социјален или образовен контекст, вели дека не би била целосно исполнета доколку постојано се држи само до она што се бара од неа во непосредното секојдневие, без да се вклучува или да создава дополнителни можности за себе и за другите.
Со текот на времето, почнала да го забележува и влијанието што може да го имаат едноставните реченици:
„Имам идеја, ќе направам…“ „Ајде да направиме…“ „Да, можам да се вклучам.“
„Влијанието за кое зборувам се јавува во форма на придобивки кои се протегаат од индивидуален напредок, како личност која постојано се стреми да ги надградува своите вештини и капацитети, па сè до придобивки за средината во која функционирам и луѓето со кои сум опкружена.“
Токму комбинацијата од внатрешниот порив за дејствување и согледувањето на резултатите од тоа дејствување станала нејзиниот „мотор“ за понатамошно вклучување.
Но, активното учество не ѝ донело само нови искуства. Една од промените што најмногу ја изненадиле се случила во начинот на кој почнала да го набљудува своето опкружување.
„Станува збор за промена во начинот на размислување за опкружувањето, полесно лоцирање на проблеми и подлабоко разбирање на нивните корени, како и поструктурирано размислување за реални решенија. Суштината е оттргнување од онаа тенденција на единствено изнесување на поплаки за проблеми и чекање решенијата да произлезат од некоја трета страна и замена на тој пристап со, според мене многу поконструктивниот, пристап на критичка анализа веднаш проследена со потенцијални решенија. Мислам дека повеќето млади кои биле дел од некаква иницијатива, особено во неформална едукација, знаат за што зборувам. Важно е ваквиот начин на размислување да се негува и употребува штом првпат ќе се почувствува. И секако, да не се запре на размислување, туку и да се дејствува. “
Ако треба да избере еден момент кој најдобро го опишува нејзиното искуство со ЛЕАД, Саша се навраќа на финалето на програмата за средношколско учество „најГЛАСни“.
Во 2026, таа седна на масата предвидена за жири-комисијата.
„Преку мала ретроспекција, сфатив дека улогата на член на комисијата ми е дури петта различна улога на ‘најГЛАСни’.“
Во 2022 година беше учесничка. Во 2023 — менторка на тимовите. Во 2024 — ко-тренерка. Потоа координаторка на програмата, за подоцна да биде одговорна и за завршната селекција, односно изборот на победничкиот ученички совет.
„Овој момент мошне добро го долови моето искуство со ЛЕАД поради тоа што сведочи за можноста за постојан напредок и трансформација која ЛЕАД ја нуди, особено кога станува збор за млади амбициозни личности.“
Со промената на улогите се променила и нејзината перспектива за она што се случува „зад сцената“ на програмите за млади.
„Сфатив дека процесот на креирање можности за млади и имплементација на активностите од таков тип не е едноставен ниту брз.“
Работите кои од страна можеби изгледаат природно или лесно, вели таа, всушност бараат многу време, вежба и знаење.
„Од проектно пишување, па сè до водење тренинзи, се работи за процес кој бара јасна цел, јасни чекори на дејствување и многу енергија.“
Но можеби најважната промена била разбирањето на улогата на луѓето кои секојдневно го создаваат тој простор.
„Сфатив дека постојат луѓе како младинските работници кои навистина ја минуваат секоја фаза од процесот со максимална пасија кон работата и резултатот, поддршката и соработката со младите.“
Со тоа, Саша постепено премина од позиција на млад човек кој учествува во можностите што некој друг ги создава, до личност која и самата учествува во нивното создавање.
Кога зборува за вештините што денес ги користи во работата, Саша е внимателна со идејата дека тие можат да се стекнат сосема „случајно“.
„Сметам дека во секој процес на стекнување нови вештини, барем доколку зборуваме за вештини на задоволително ниво, ‘случајноста’ мора да биде придружена со одредена доза свесен труд и едукација.“
Сепак, токму активностите во ЛЕАД ја изложиле на комуникација со многу различни луѓе и групи.
Од тоа искуство произлегла една способност која денес е значаен дел од нејзината работа:
„Способноста за говорење на различни ‘јазици’ во зависност од личноста со која комуницирам — почнувајќи од ‘јазикот’ на средношколците, оној на наставниците, па сè до тој на институциите.“
Токму затоа, вели таа, се пронашла во улогата на координаторка на образовни програми.
„‘Клубот на наставници’, многубројните програми и проекти за младинско учество и активизам, се токму оној простор каде способноста за разбирање на потребите на различни групи е појдовната точка при креирање и раководење корисни програми кои ќе соодветствуваат со нивните интереси.“
Така, нешто што започнало како доброволно вклучување и љубопитност постепено прераснувало во искуство, знаење и одговорност што денес се дел од нејзиното секојдневие.
Ако денес пред неа повторно стои 17-годишната Саша — заинтересирана да се вклучи, но без идеја каде ќе ја однесе тоа, таа би ѝ рекла:
Да не се двоуми.
„Сметам дека мојата 17-годишна верзија чекорела на вистинскиот пат.“
Би ѝ кажала дека ја очекуваат и напорни моменти, но дека задоволството и придобивките од она за што ќе се нафати се навистина големи.
„Дури и во одредени моменти да не ѝ изгледа така, кога ќе се оддалечи од непосредниот момент и ќе согледа сè што дотогаш е резултат на нејзиниот директен или индиректен придонес, секогаш ќе стигне до заклучокот дека сè што прави е навистина значајно за себе и за младите.“
Би ѝ кажала и дека ќе создаде непроценливи пријателства и ќе запознае луѓе кои ќе ја туркаат напред.
Но не би ѝ открила сè.
„Не би ѝ го споделила сè она што ѝ претстои бидејќи мнозинството од искуствата ја носат вредноста токму во фактот дека се доживуваат.“
Десет години раст не се мерат само во бројот на програми, активности или проекти.
Се гледаат и во луѓето кои некогаш дошле како учесници, а со текот на времето станале ментори, тренери, координатори и луѓе кои отвораат простор за следните генерации.
Саша е една од тие приказни.
Приказна која ја делиме сите кои сме биле дел од ЛЕАД а низ која личниот раст станува заедничка промена.