Некои се со нас уште од почетокот, други ни се приклучија по пат
Низ годините заедно растевме, верувајќи во соработката која создава подобро секојдневие и води кон подобра иднина.
Зад секоја програма, обука или иницијатива остануваат луѓето.
Оние кои продолжуваат да го носат наученото во својата училница, во училиштето, во работата со младите и во сопствениот професионален развој.
За Ана Попризова, училиштен психолог во СУГС Гимназија „Орце Николов“ во Скопје, ЛЕАД е пред сè организација која ги препознава потребите на младите и знае како да им се доближи.
„За мене лично, ЛЕАД е организација која ги препознава и следи потребите на младите и создава простор во кој тие можат да се изразат, да се развиваат и активно да придонесуваат кон промените во својата средина. Особено ја ценам способноста на ЛЕАД да инспирира и мотивира промена преку современи пристапи, блиски до начинот на размислување, изразување и комуникација на младите.“
За неа, поврзаноста со нас значела и подобро разбирање на перспективите на младите и на тоа каква средина им е потребна за да можат вистински да учествуваат.
„Мојата поврзаност со ЛЕАД ми овозможи подобро да ги разберам перспективите и потребите на младите, но и да ја согледам важноста на создавањето средина во која тие не се само приматели на поддршка, туку активни учесници и носители на промени.“
Низ нејзиниот професионален пат, ЛЕАД нуди простор во кој професионалното знаење се поврзува со современите методи и со реалниот свет на младите.
Најмногу се препознава во идејата за личен развој, активно учество и позитивна промена во заедницата.
„Верувам дека одржливите промени започнуваат од развивањето на свесни, одговорни и храбри поединци кои имаат поддршка да ги препознаат своите потенцијали и да ги остварат во иницијативи.“
Ја делиме идејата дека младите не треба да бидат само корисници на она што некој друг го создава за нив.
„Особено ми е блиска идејата дека младите и луѓето воопшто не треба да бидат само корисници на промени, туку активни чинители во нивното создавање. Во мојата професионална работа посветено работам на развој на личните и социјалните компетенции, психолошката благосостојба, учеството и зајакнувањето на индивидуите да преземат одговорност за себе и за својата средина.“
А кога треба да го издвои она што останало со неа и по завршувањето на активностите, нејзиниот одговор е:
„Посветеноста и работата на зајакнување на ученичките заедници е искуство со ЛЕАД кое перманентно го носам со себе и го применувам во мојата работа.“
Токму во тоа Ана ја препознава и пошироката вредност на организациите како нашата односно во способноста да придонесуваме кон прогрес во општеството и да ги поместуваме границите на креативноста и иновативноста кај младите.
За Ѓорѓија, наставник во СОУ „Орде Чопела“ во Прилеп, професионалната приказна со ЛЕАД започнува уште во 2017 година.
„ЛЕАД за мене е организација со која мојот професионален развој е поврзан уште од 2017 година. Нашата прва средба беше преку работилница/обука за наставници посветена на младинското учество и неформалното образование. Тогаш можеби не можев да предвидам колку таа средба ќе влијае врз мојот понатамошен професионален пат.“
Низ годините следуваа различни работилници, активности и можности за вклучување во проекти. Особено значајно за него е учеството во процесите поврзани со UPSHIFT, преку кои ученици од СОУ „Орде Чопела“ имаа можност да развиваат свои идеи, а дел од ученичките тимови беа и меѓу наградените.
Но кога денес гледа наназад, Ѓорѓија не го препознава влијанието само во конкретните активности што ги реализирал.
„Слободно можам да кажам дека ЛЕАД беше еден од важните партнери во моето професионално созревање затоа што ме поттикна да излезам од традиционалните рамки на наставата, да се охрабрам во подготовка и реализација на проекти и, што е можеби најважно, да верувам повеќе во сопствените способности и во потенцијалот на младите.“
Промената не доаѓа одеднаш, но се забележува
„Промената се случуваше постепено и веројатно најголемиот дел од неа воопшто не ја забележував во моментот. Како што се развиваше ЛЕАД, така се развивав и јас. Се оспособив за подготовка и пишување проекти, научив подобро да ги препознавам проблемите и потребите во средината во која работам и да ги претворам во идеи и конкретни активности.“
Со текот на времето се менувал и неговиот поглед кон младите.
„Денес не гледам на ученикот само како на некој што треба да усвои знаење, туку како на млад човек кој може да има идеја, да преземе иницијатива, да биде едукатор, носител на активност и партнер во создавањето промени.“
Она што најмногу останало со него е токму начинот на размислување.
„ЛЕАД ме научи дека добрата идеја не треба да остане само идеја, туку дека треба да се постави прашањето: „Што можеме да направиме со неа?“ Од тука веројатно произлегува и мојата денешна поголема храброст да иницирам активности, да подготвувам проекти и да ги вклучувам учениците во процеси во кои тие самите се носители на промената.“
А можеби најличниот доказ дека едно искуство може да продолжи многу подолго од една програма доаѓа една генерација подоцна.
„Можеби најубавиот доказ дека едно вакво влијание може да трае со години е фактот што и мојата ќерка – Андреа растеше со ЛЕАД. Таа учествуваше во повеќе нивни повици и проекти, како член на ученички тимови, но и како претседател на ученичката заедница „ЧОПЕЛА“. За мене е посебно драгоцено да гледам како можностите што јас ги запознав како наставник, една генерација подоцна продолжуваат да влијаат врз младите.“
За Славка Каркамишевска, наставничка во ОСМУ „Д-р Јован Калаузи“ и СОЗУ „Кузман Шапкарев“ во Битола, ЛЕАД има многу лично значење.
„За мене ЛЕАД е место во кое природно припаѓам, се пронаоѓам и знам дека секогаш можам да се обратам за помош и поддршка.“
Тоа чувство на припадност за неа е поврзано и со сознанието дека не е сама во барањето поинакви начини како знаењето да им се приближи на младите
„ЛЕАД ми помогна да сфатам дека не сум сама во процесот на приближување на знаењето на учениците на еден поинаков начин, начин кој е поблизок до современите текови и брзиот начин на живот кој сите го имаме, понепосреден за младите на денешницата.“
Промената, како и кај многу професионални процеси, не била веднаш видлива.
„Низ годините она што кај мене се смени е сигурноста во себе и свесноста како едукатор, обучувач и професионалец. На почеток, навидум изгледаше како ништо да не се менува, но очигледно се расте со секој одржан час.“
Славка најмногу се препознава во идејата дека одговорноста за младите и образованието е заедничка.
„Она во кое најмногу се препознавам е фактот дека одговорност за младите и за образовниот систем имаме сите ние и како дел од формалното и неформалното образование и наша доедукација. Да бидеме промената што сакаме да ја видиме во светот.“
А кога зборува за она што останало со неа низ годините, не се само методите и алатките.
„Сплотеноста, припаѓањето, мрежата, support which is one call away , и се разбира сите алатки, вежби, применливи техники во училницата и надвор од неа.“
За неа, токму оваа заедница е важна затоа што наставниците и едукаторите не мора сами да ги бараат одговорите на предизвиците со кои се соочуваат.
„Важноста на постоењето на луѓе и организации каков вас е од суштинско значење за наставниците и сите едукатори бидејќи заеднички пробуваме да најдеме одговор и решение на сите наши предизвици, колку тие и да се тешки и навидум нерешливи, и едноставно чувствуваме дека тешкотии нема кога сите заеднички ги адресираме и правилно ги анализираме проблемите од пракса.“
За Марија Коваческа, наставничка и кариерен советник во СОУ „Нико Нестор“ во Струга, ЛЕАД е заедница.
„ЛЕАД за мене е заедница за учење, развој и инспирација. Заедница за учење. Симбол дека нештата може да се менуваат и да одат кон подобро кога имаме добар ЛЕАД. Низ годините ми овозможи да растам како обучувач и да соработувам со луѓе кои веруваат во квалитетно образование.“
Низ тие искуства кај неа се менувал и начинот на кој гледа на наставата.
„Научив повеќе да експериментирам со нови методи и да гледам на наставата како процес на постојано учење. Внесувањето иновативност, поинаков начини на размислување и мотивација кај учениците. Денес тоа најмногу го чувствувам во работата со наставници и ученици.“
Токму затоа од мисијата на ЛЕАД најмногу ѝ е блиско верувањето дека вистинските промени во образованието започнуваат од луѓето.
„Во верувањето дека образованието се менува преку луѓето – кога наставниците учат, се развиваат и меѓусебно се поддржуваат.“
Но од средбата со ЛЕАД останало и нешто друго:
„Чувството дека овие млади луѓе не само што сонуваат туку и остваруваат. Во ЛЕАД секогаш има простор за личен и професионален развој и дека најдобрите идеи се создаваат преку соработка.“
Кога зборува зошто е важно да постојат организации и заедници како ЛЕАД, Марија го сведува тоа на една реченица:
„Затоа што создавате луѓе кои не само што го следат развојот на образованието, туку и активно го создаваат.“
Бескрајно сме им благодарни на луѓето што не престануваат да вложуваат во себе, да растат лично и професионално и со истата посветеност да вложуваат во младите и во својата заедница.
Затоа што, на крајот, она што останува не се само програмите, проектите или обуките. Остануваат луѓето и она што тие продолжуваат да го создаваат понатаму.